Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската народна песна – Никола Бадев. Несомнено, иако од 1976 година физички не е повеќе меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна.
Со својот кадифен глас тој испеа безброј песни... Глас пребогат во нијансиите, недостижен во вокалното вајање, мелизмите... Секоја песна испеана од него претставува бисер одронат од неговата благородна душа што зборува за личност од која зрачеше топлина, благост, осет, музикалност.

Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна Југославија како и во земјите во кои живеат македонски иселеници.

Се роди во сончевиот и топол крај на Македонија, сред виновата лоза на убавата Тиквешија во селото Глишик – Кавадаречко, место каде што луѓето ги красат питомост, ведрина и надареност за песна и свирка.

Во таа средина сета озарена од сонце, поникната од неговата топлина, во тоа милје од бавчанџилак, тутун, гроздобер, афион, свадби, ора, серенади, песнопојни родители, стрини, вујковци... песната ја богатеше неговата детска душа... зрееше и се оформуваше уметникот во него.
Во 1948 година веднаш по аудицијата за млади таленти Бадев дебитира на програмата на Радио Скопје со што започна неговата блескава кариера како уметник и стана една од легендите на интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна. Проживеа неполни 58 години.
Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, не водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои.

Ја обиколи земјата и светот многу пати, беше вистински народен пеач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија.
Никола Бадев е исклучителна пејачка појава, интерпретатор кој високо ја крена и прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство.

Тој како славеј ги прелета границите на Македонија и преку песната ги сплоти и обедини нашинците растурени ширум светот каде и да се, а на светот му раскажа дека на Балканот постои народ мал по бројност но голем по своето културно, уметничко и историско богатство со раскошна фолклорна традиција.